Кралскиот клуб му нуди нов договор на „столбот“ во одбраната

Реал Мадрид му понуди на Антонио Ридигер продолжување на договорот за уште една година. Тековниот договор на искусниот дефанзивец истекува на крајот од сезонава, но европските шампиони се заинтересирани да го задржат уште една сезона. Раководството на мадридскиот клуб е исклучително задоволно од настапот на германскиот репрезентативец и нема намера да го пушти бесплатно.

Според весникот „АС“, Реал Мадрид му понудил на Ридигер продолжување на договорот за една година, со што Кралскиот клуб ја задржува својата политика на продолжување на договорите на играчите над 32 години само за една година. Така претходно беше и во случаите на Лука Модриќ, Тони Крос и Начо Фернандес.

Ридигер сè уште не одговорил на понудата, а според извештаите, тој првично инсистирал на двегодишен договор. Германскиот централен бек е еден од лидерите во одбраната на Реал Мадрид. Се очекува во најскоро време договорот и официјално да биде потврден за Реал да се осигури дека нема да го загуби „столбот“ во одбраната.

За Ридигер интерес покажаа неколку европски екипи, како Јувентус, Челзи, но и екипи од Саудиска Арабија. Ридигер е во Реал Мадрид од 2022 година.

- Оглас -

Најнови вести