Продолжуваат возбудувањата и на македонската фудбалска сцена со 21-то коло. Вчера Вардар и Беса го отворија колото со реми без голови, но денеска се очекуваат поголеми возбудувања на петте преостанати натпревари.
Фокусот ќе биде на дуелите во Кратово и во Маџари. Струга Трим Лум со новиот тренер Илчо Ѓорѓиоски ќе му гостува на Силекс и посакува враќање на победнички патеки. Сепак, и Силекс бара рехабилитација по елиминацијата во Купот од Вардар.
Интересно ќе биде и на пресметката во Маџари, каде на стадионот „Борис Трајковски“ се среќаваат Гостовар и Работнички.
„Нѐ очекува дерби натпревар против тимот на Гостивар и ние сме подготвени за предизвикот. Имаме респект за противникот, тие имаат квалитетен и многу искусен тим, ама и ние имаме свои цели и доколку сакаме да останеме конкурентни во трката за шампионската титула треба да освојуваме бодови на секој натпревар. Веруваме во позитивен епилог, а тоа секако е триумф“, изјави Бесир Демири од Работнички.

Според квотите, Шкендија е најголем фаворит во ова коло. Лидерот на табелата на домашен терен во Тетово го пречекува Тиквеш и се надева на нови три бода.
Дуел за опстанок ќе има во Охрид, каде Воска Спорт ќе ја пречека Брера, а Шкупи исто така е голем фаворит на мечот против Пелистер на Чаир.
Натпреварите од Првата фудбалска лига се играат од 14 часот.