Дерби што значи многу во Германија – Јарците бараат магичен аспирин за омразениот ривал

Келн и Баер Леверкузен ќе играат ново големо локално дерби во Бундеслигата денеска од 20.30 часот, а популарното „Дерби на Рајна“ е исклучително значајно во Германија, меѓу два клуба што имаат впечатлив ривалитет.

Баер има многу повеќе успеси од Келн во меѓусебните дуели во Бундеслигата, иако во минатото популарните Јарци беа марка за ривалот, но времињата се сменија.

Колку ривалитетот е голем на ривалите што се раздалечени само 15-тина километри покажува и случајот на германската легенда Михаел Балак.

Некогашниот капитен на германската репрезентација по една победа на Баер против Шалке 04 не заборави да го спомене големиот ривал Келн, па им се приклучи на навивачите на трибините и на непристоен начин го навредуваше тимот против кого и не играа во тој момент.

„Не се прославив многу тогаш, но ме понесе еуфоријата. Знаете сите што мислиме ние од Баер за Келн и обратно. Тоа е голем ривалитет, да не кажам омраза и за такви мечеви се живее. Сепак, погрешив и не смеев да постапам така“, вели Балак.

Казната за него беше 80 илјади евра, но парите не играат речиси никаква улога во вакви дерби-натпревари. Навивачите на Келн го нарекуваат Баер вештачки клуб, или поточно „фабричките 11“, а за нив спомените од успесите од минатото кога беа многу попознат клуб од Фарамцевтите сè уште ги греат надежите дека ќе бидат подобри од големиот ривал денеска, н стадионот „Рајн Енерџи“ во Келн.

„Штета што ќе се игра без навивачи. Честопати се тепаме меѓу себе, што не е баш за фалење, но ривалитетот е огромен. Не ги сакаме и тоа секогаш јавно го кажуваме“, велат симпатизерите на Келн.

Колку и за нив значи ривалитетот со Баер, покажува и примерот со легендата на клубот Пјер Литбарски, кој одигра над 400 меча за Јарците, но беше исвиркуван поради преселбата во Леверкузен како помошен тренер.

Баер има многу повеќе успеси и е постар клуб од Келн, иако нема титула во Бундеслигата, за разлика од двете на противникот освоени во 1964 и во 1978 година.

Тимот од Леверкузен дури шестпати беше вицешампион на Германија, а има пехар од УЕФА купот во 1988 година, а играше и финале во Лигата на шампионите во 2001 година, но загуби од Реал Мадрид во Глазгов.

 

 

- Оглас -

Најнови вести