Дербито МЗТ – Работнички ќе се игра на 760 километри од Скопје!

Генералниот менаџер на кошаркарскиот клуб Игокеа, Игор Додик, на „Твитер“ потврди дека АБА лигата донела одлука домаќин на вториот турнир од АБА 2 лигата да се игра во јануари во Бања Лука. Уште нема официјална потврда на информацијата, но ако ова е точно, тоа значи дека скопското дерби МЗТ Скопје Аеродром – Работнички од регионалната лига, ќе се игра на 760 километри од нашиот главен град.

Тоа ќе биде првпат најтрофејните македонски клубови на официјален меч да се сретнат еден против друг некаде во странство. МЗТ и Рабнотнички треба да играат во осмото коло, четврто од турнирот во Бања Лука.

Поради пандемијата на коронавирус, тековната сезона во АБА 2 лигата се игра во таканаречен „балон“ под строги епидемиолошки мерки, мечевите се играат во една сала, а сите екипи се сместени во ист хотел. Првиот турнир се одржа на Златибор. МЗТ имаше скор 3-1, а Работнички 2-2.

Ќе има и трети турнир, со пет кола, по што ќе се знае кои осум тима ќе играат плејоф. Само шампионот на АБА 2 директно влегува во главната АБА, додека вториот игра бараж со претпоследниот од елитната лига.

- Оглас -

Најнови вести