Џентлмените од Аеродром – МЗТ Скопје нема да користи државна помош и донира 100 илјади денари

МЗТ Скопје објави дека нема да аплицира и да користи субвенции што државата ги понуди за сите спортски колективи во екот на кризата со корона-вирус, а и дополнително ќе донира 100 илјади денари за набавка на маски и заштитна опрема за здравствените работници во Македонија.

„Нашиот клуб, воедно, на конкретен начин се приклучи на иницијативата #СпортистиПротивКоронавирусот, и тоа со донација од 100.000 денари на наменската сметка, од која потоа ќе бидат обезбедени заштитни маски и опрема за здравствените работници кои се во првиот одбранбен ред, како и средства за дезинфекција и хигиена за социјално најзагрозените лица. Со ова уште еднаш сакаме да покажеме дека сме општествено одговорен спортски колектив, кој секогаш јавното добро на сите во државата го става пред личниот интерес.

Истовремено, со нашето откажување од субвенциите и конкретната финансиска донација би сакале да ги поттикнеме и другите спортски колективи во Македонија да го следат нашиот пример и да помогнат, секој на свој начин и секој онолку колку што може. Корона-вирусот е противник кој мора да се наттрча, натскока, тактички надмудри и на крајот убедливо да сѐ победи. Ова е заедничка борба на сите нас, во која активно се вклучија сите наши кошаркари, тренери, управа и администрација со желба да покажеме солидарност и хуманост.

Овој натпревар го играме за сите наши граѓани, за самите нас, за нашите семејства, за нашите деца. Знаеме што значи тимска игра и сигурни сме дека со заеднички сили ќе го победиме и корона-вирусот.

Затоа, донирајте и вие и приклучете му се на победничкиот тим“, се вели во соопштението на МЗТ Скопје.

- Оглас -

Најнови вести