Новак Ѓоковиќ ја заврши сезоната без ниту еден освоен гренд слем турнир, но затоа стана Олимписки шампион на Игрите во Париз. Сепак, настапот во Париз не се брои во АТП ранкингот, па затоа Ѓоковиќ се повеќе се одалечува од првото место на АТП листата на кое суверено стои Јаник Синер.
На најновата ранг листа, Ѓоковиќ е на четвртото место, а постои ризик Србинот да не успее да се избори за настап на завршниот Мастерс турнир на сезоната. Освен што паѓа на ранкингот, ленегдарниот американски тенисер Џон Мекинро вели дека популарниот Ноле загубил една многу важна предност, а тоа е дека останатите тенисери веќе не се плашат кога играат против Србинот.
„Јас сум изненаден што Ѓоковиќ не освои ниту еден гренд слем. Ако претходната година триумфирате на три од четирите најважни турнири, се очекува повторно да се има успех. Сега некои зборат за тоа дека Ѓоковиќ никогаш повеќе нема да освои гренд слем турнир. Во последните неколку месеци Новак ја загуби стравопочитта која другите тенисери ја имаа кон него. Сега останатите тенисери сметаат дека имаат шанса да го победат и затоа ќе биде многу потешко за Србинот. Тоа е она против кое сега тој ќе се бори. Ќе биде интересно да видиме дали ќе успее да се избори. Мислам дека има доволно мотиви за да стигне до 25 гренд слем титула“, вели Мекинро.