Реал Сосиедад по четврти пат во клупската историја се радува на титула во Купот на Шпанија. Во финалето кое се играше во Севилја, по голема борба и речиси три часа надмудрување, Сосиедад на пенали го победи Атлетико Мадрид.
Во регуларниот дел, Сосиедад два пати водеше, но Атлетико два пати израмнуваше, па по 90 минути беше 2:2 и мораше да се играат дополнитени 30 минути. Во продолженијата немаше погодоци, па освојувачот на трофејот во Купот мораше да се решава на пенали.
Во пенал-рулетот, голманот на Сосиедад ги одбрани првите два пенали кои ги шутираа Сорлот и Алварес, па на крајот тоа беше клучно за победа од 4:3 и голема радост на „сино-белиот“ дел од трибините на стадионот.
Фудбалерите на Атлетико Мадрид останаа разочарани, а посебно разочаран беше тренерот Диего Симеоне кој во 15 години како дел од клубот, трофејот во Купот го има освоено само еднаш.
„Противникот беше порешителен во решавачките моменти. Ние успеавме да се вратиме во игра и да израмниме, а потоа имавме многу добри шанси за целосен пресврт, но Кардосо и Баена не погодија. Имавме шанси и во продолжението, но на крајот ми останува само да му честитат на Реал Сосиедад за победата. Во изминатиов период имавме многу теши натпревари и сега не ни останува ништо освен да продолжиме да работиме и да се фокусираме на тоа што ни следува“, рече разочараниот Симеоне по поразот во финалето на Купот.

