Димитриевски ќе брани во Сантандер и ќе чека чудо на „Ријазор“ и во Елче

Столе Димитриевски ќе брани за Рајо Валјекано против Расинг во Сантандер, а победата на клубот од Мадрид ќе има ефект само ако Фуенлабрада загуби на „Ријазор“ и Елче не го победи Овиедо.

Пред стартот на последното коло вечерва, Фуенлабрада има 60 бодови на шестата позиција, последна што води во плејофот за Ла Лига, пред Елче со 58 и Рајо Валјекано со 57.

На голманот на македонската репрезентатација и на неговите соиграчи од Рајо им треба чудо и расплет како по ноти во последната рунда од второлигашкото натпреварување во Шпанија за да дојдат до посакуваната шеста позиција, која сè уште е достижна.

Рајо Валјекано најпрво треба да победи кај фенерџијата на гостински терен, а потоа да се надева на триумф на Депортиво Ла Коруња против Фуенлабрада, што не е и неостварливо бидејќи домаќините на „Ријазор“ бркаат три бода за опстанок.

Вториот меч каде што треба да се случи чудо е Елче да не го победи Овиедо на домашен терен, со што Димитриевски и неговите соиграчи би имале 60 бодови, исто како и Фуенлабрада, а еден или два бода повеќе од Елче во трката на трите состави за шестото место.

Со таков расплет Рајо Валјекано би играл плејоф за последниот билет за Ла Лига бидејќи има подобар меѓусебен биланс во двата дуели со Фуенлабрада.

Сè останато на врвот во Сегунда е познато. Кадис и Уеска се нови прволигаши, додека Алмерија, Жирона и Сарагоса го чекаат четвртиот тим што ќе им се приклучи во битката за уште едно место што води во Ла Лига.

Во долниот дел на табелата е познато дека Расинг Сантандер и Екстремадура се веќе третолигаши, а Нумансија и Депортиво Ла Коруња со 47, односно 48 бода се најзагрозени во конкуренција на Албасете и Луго со по 49 бода.

Од Втората лига испаѓаат вкупно четири клуба. Освен мечот меѓу Лас Палмас и Екстремадура, кој почнува во 18.30 часот, сите останати натпревари од последното 42-ро коло ќе се играат од 21 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести