Динамо Загреб испадна во групната фаза на ЛШ, а заработи повеќе од финалистите во Лига Европа (Фото)

Манчестер jунајтед и Тотенхем без поголеми проблеми се пласираа во финалето на Лигата на Европа откако лесно ги совладаа своите противници во полуфиналето. Црвените ѓаволи со вкупен резултат од 7-1 го елиминираа Атлетик Билбао, додека лондонскиот клуб со вкупни 5-1 беше подобар од норвешкиот Бодо/Глимт.

Финалето на второто по ранг европско натпреварување ќе се одигра во среда, на 21 мај, на стадионот „Сан Мамеш“ во Билбао.

И двата англиски клуба добија по 7 милиони евра за пласманот во финалето. Манчестер јунајтед е водечки според вкупната заработка во Лигата на Европа оваа сезона со 36,42 милиони евра, додека Тотенхем е втор со 35,37 милиони евра. Освојувачот на Лигата на Европа ќе добие дополнителни 6 милиони евра, како и уште 4 милиони евра за настапот во Суперкупот на УЕФА против победникот на Лигата на шампионите – тоа ќе бидат Интер или ПСЖ, кои ќе се сретнат во финалето на 31 мај во Минхен. Секако, главната награда е дека ќе обезбеди пласман во Лигата на шампионите за следната сезона затоа што таму се „вртат“ големите пари.

Лигата на Европа е значително помалку исплатливо натпреварување во споредба со Лигата на шампионите. Како пример, Пари Сен Жермен и Интер се на врвот на листата на заработка во ЛШ со 137,92 милиони евра, односно 136,63 милиони евра. Освојувачот на Лигата на шампионите ќе добие дополнителни 6,5 милиони евра, а тука се и четирите милиони евра за настап во Суперкупот на УЕФА.

Колку е финансиски попрофитабилна Лигата на шампионите, сведочи и примерот на Динамо Загреб. Иако хрватскиот клуб не успеа да се пласира ниту во плејофот за ЛШ, сепак инкасира 39.71 милион евра – повеќе од Манчестер јунајтед и Тотенхем, иако тие се финалисти во Лигата на Европа. На крајот, само еден од овие два клуба ќе заработи повеќе од Динамо, додека другиот, и покрај тоа што беше на чекор до трофејот, ќе остане зад хрватскиот клуб според вкупната заработка.

- Оглас -

Најнови вести