Хрватската кошаркарска легенда, Дино Раџа, беше еден од луѓето кои ја сечеа лентата при отворањето на првата НБА-продавница во Европа, која се наоѓа во центарот на Милано.
Свеченото отворање на оваа продавница во која ќе се продаваат оригинални продукти поврзани со најсилната кошаркарска лига на светот се случи денеска и како специјален гостин беше повикан Раџа, кој во дел од кариерата имаше големи успеси и во Италија, а настапуваше и за Бостон селтикс во НБА.
Отворањето на оваа продавница е предбожиќен подарок за фановите во Европа кои веќе нема да мораат да нарачуваат од САД туку ќе можат поблиску до дома да си купат дрес, патики, играчки или некој друг производ од големиот избор. Интересот беше голем, а како најпопуларни дресови за кои се очекува да бидат најпродавани се тие на Леброн Џејмс од ЛА лејкерс и Стеф Кари од Голден стејт.
Вакви НБА-продавници има само уште во Њујорк (две) и во Доха. Таму се продаваат и ретродресови како на примет 45-ката на Мајкл Џордан, дресови на Торонто репторс со диносаурус или на Ванкувер гризлис.