Дисингер ја открива вистината за Вардар: Живееме со 300 евра

Европскиот ракометен првак Вардар е во една од најголемите кризи во последните години. Играчите кои минатата година на фајнл-фор турнирот во Келн стигнаа до европската круна, сега бараат начин како да избегаат од Вардар. Само денеска стигна потврда дека во продолжение на сезоната, Црвено-црните ќе останат без Даинис Кристопанс и Павел Атман. Летонецот е промовиран во нов играч на Фуксе Берлин, а Русинот потпиша за Спартак Москва.

Се најавува дека од клубот ќе си заминат уште неколку играчи, а еден од оние кои чека добра понуда е Кристијан Дисингер. Германскиот интернационалец во разговор за тамошните медиуми откри дека ситуацијата во Вардар е многу тешка и дека нема пари.

„Многу е тешко, нема пари. Поголемиот дел од играчите немаат примено плата половина година. Добиваме само дел од платата. Со 300 евра не може да се скрпи крај со крај. Пред многу психолошко стресна ситуација се наоѓаме“, откри Дисингер во изјава за странски медиуми.

Вардар како бранител на титулата во Лигата на шампионите моментно е на шестото место на табелата во групата Б, кое е последно што води во нокаут-фазата. Црвено-црните во следниот меч од елитната европска лига ќе го играат в сабота, на свој терен против Мотор Запорожје.

Иако Вардар е во криза, дуелот против Мотор може да биде клучен за обезбедување барем на шестото место во групата затоа што токму Мотор е последнопласиран само со една победа во досегашните 11 средби.

 

- Оглас -

Најнови вести