Македонија е на тронот на Европа. Нема подобар ракометен клуб од нашиот првак Вардар! Црвено-црните шампиони покажаа како се игра со срце и желба за успех, а тоа на крајот ги однесе до бесмртноста. Секогаш ќе се памети дека Вардар ја освоил европската титула во 2019 година.
И тоа не е прв пат. Второ европско злато за Вардар само за три години. Само уште еден доказ дека е најдобар на Стариот Континент, и тоа не е случајно. Од шампионската екипа на Вардар од пред две години нема дури деветмина ракометари. Ги немаше Штербик, Абутовиќ, Марсениќ, Циндриќ, Канељас, Македа, Душебаев, Дереван и Борозан.
Играчите ги немаше, но остана тоа што е најважно. Остана шампионскиот дух на Вардар. Предводени од капитенот Стојанче Стоилов, големиот борец Карачиќ, „летечкиот“ Дибиров, како и Чупиќ, Мораеш и Шишкарев, Вардар имаше играчи кои знаат како е да се биде првак со Вардар. На оваа шампионска група се придружија Кристопанс, Скубе, Дисингер, Калараш, голманот Милосавлјев, како и неколку други играчи кои имаат своја заслуга во секоја победа сезонава.
Вардар од 2017 година не беше истиот, но амбициите беа исти. Сепак, малкумина веруваа дека овој Вардар може да стигне до тронот на Европа, но уште од првиот меч во групната фаза, кога на гости беше победен првакот Монпелје, можеше да се насети дека ова ќе биде златна година.
Во текот на сезоната, Вардар се соочи и со некои проблеми кои немаат врска со спортот. Играчите немаат редовно плата, но тоа не го наруши ритамот кај играчите кои често пати знаеја да потенцираат дека не се соиграчи, туку се како браќа. Токму таа хемија во играта, дружењето, позитивниот дух се работи кои не можат да се купат со никакви пари на свет.
Кулминација на целата таа сплотеност на Вардар се случи изминатиов викенд во Келн. Барселона како апсолутен фаворит во полуфиналната пресметка имаше седум гола предност (18:11) во 40-тата минута, но вардаровото срце не престана да чука за победата. Со неверојатен пресврт, не само што беше достигната предноста на каталонскиот гигант, туку на крајот Вардар забележа неверојатен триумф од 29:27 против тимот кој беше прв фаворит за трофејот.
Откако беше победена големата Барселона, во финалето требаше само да се продолжи во ист ритам. Тоа и го направија момците на генијалниот тренер Роберто Гарсија. Иако беше финале, Вардар само еднаш беше во негатива против Веспрем (1:2). Во останатите речиси 50 минути Вардар водеше.
На крајот, тоа што може да го изрежира само Вардар. Победа (27:24) и шампионски трофеј кој доцна вечерва треба да пристигне во Македонија. Успехот на Вардар покажа дека народот никогаш не бил посплотен како што тоа може да го направи спортот.
Едно е сигурно, Вардар е македонска гордост, која треба да ја сочуваме да блеска уште многу години!