Најголемиот стадион во Македонија, Арената „Тодор Проески“, доби „црвен картон“ од УЕФА и го затвори на неодредено време, и тоа поради очајната состојба во која се наоѓа теренот. Поради затворањето на Арената, Струга ТЛ својот меч против Есперанж мораше да го игра на теренот покрај ФФМ, а прашање е дали теренот на „Тодор Проески“, кој личи како нива за садење компири, ќе може да се санира до 9 септември, кога треба да бидеме домаќини на актуелниот европски првак Италија.
Додека во Македонија нема терен по најстрогите критериуми на УЕФА, во Србија денеска стигна потврда дека стадионот во Бачка Топола добила дозвола од УЕФА за играње мечеви од групна фаза на европските купови.
ТСЦ Бачка Топола моментално игра во квалификациите за Лигата на шампионите, каде што има негатива од 3:0 по првиот меч против Брага. Доколку не успее да ја помине Брага, тимот ќе игра во групната фаза од Лигата на Европа и таму ќе биде домаќин на три меча.
Стадионот во Бачка Топола има капацитет само од 4.500 седишта и според тој критериум, не ги исполнува условите на УЕФА, но сепак останатите ултра модерни додатоци на овој стадион беа адут за челниците на европската фудбалска куќа да дозволат ТСЦ да биде домаќин на својот терен, а не да игра во Белград како домаќин.
Бачка Топола е гратче со едвај 16.000 жители, па затоа и ТСЦ Арена има капацитет од само 4.500 гледачи. Изградбата на стадионот започна во 2017, а официјално е отворен во септември 2021 година. За неговата изградба биле потрошени 15 милиони евра.
Додека стадионот во Скопје е со терен како ораница, на стадионот во Бачка Топола посебно внимание му дале токму на овој важен дел. Теренот е со подно греење, а има специјални лампи кои го регулираат растењето на тревата во текот на зимските месеци.
Овој стадион е енергетски ефикасен со соларни панели за да се намали потрошувачката на електрична енергија. Секако, има рефлектори, како и ЛЦД семафор, но и дел наменет за гостински навивачи.
Покрај стадионот има и фудбалска Академија на која се распостелени пет терени, сауна, теретана, хотел и сите потребни услови за овој стадион да биде ултра модерен.