Дојде „Денот Д“ во Премиерлигата, кој ќе биде малерот?

„Мртвата трка“ помеѓу Манчестер сити и Ливерпул за титула во Премиерлигата ќе заврши попладнево нешто пред 18 часот, а што е да се случи, ќе биде испишана историја. Тој што нема да биде првак, ќе жали за испуштената шанса и ќе постави рекорд по број на бодови кои ги имал еден тим што не освоил титула.

Сити има 95 бода, Ливерпул 94, и тој еден бод е „злато“ вреден за „граѓаните“ кои сакаат да ја одбранат титулата. Двата тима не знаат за пораз уште од јануари. Сити има 13 победи по ред во англиското првенство и на гостувањето кај Брајтон од 16, оди на 14-ка, што е значи титула.

Ливерпул има друга математика. Игра дома со Вулверхемптон и мора да победи, бидејќи реми или пораз значи простување со пехарот кој го чека 30 години. Но, и победа не им гарантира титула на „црвените“, три бода со кои ќе дојдат на 97 бода (тоа би било рекорд за еден вицепрвак, досега секогаш 97 бода беа доволни за титула) мора да бидат во комбинација со пораз или нерешено на Сити.

ОСМИ ПАТ ТИТУЛАТА СЕ РЕШАВА ВО ПОСЛЕДНО КОЛО

Историјата покажува дека шампион ќе биде тимот на тренерот Пеп Гвардиола. Досега осум пати титулата (откако се игра како Премиерлига) се одлучувала во последно коло и никогаш не се случил пресврт во последното коло, туку титулата му припаднала на тој што бил лидер на коло до крај. Но, Ливерпул е познат по чудата (додуша нив ги правеше во Лигата на шампионите, а не во домашното првенство) и не треба да се отпише. Ливерпул не бил шампион на Англија од 1990 година.

Сезонава имаше 32 смени на водството на табелата, и таа клацкалка ќе заврши денеска. Ливерпул има само еден пораз сезонава, и тоа од Сити на 3 јануари кога „граѓаните“ ја намалија негативата од седум на четири бода.

Гвардиола може да стане третиот тренер по Алекс Фергусон и Жозе Мурињо кој одбранил титула во Премиерлигата.

ТЕОРЕТСКИ, МОЖНА Е И МАЈСТОРКА ЗА ТИТУЛА НА НЕУТРАЛЕН ТЕРЕН

Има теоретска шанса да се игра и мајсторка за титулата на неутрален терен. За ова да се случи, треба чудо, а тоа е Сити денеска да загуби од Брајтон со 0-4, а Ливерпул да одигра нерешено 4-4, па екипите да имаат ист број бодови и иста гол-разлика. Во таков случај, Сити и Ливерпул би играле меч за титула на „Вембли“. што би било нешто невидено во историјата на англиското првенство кое има традиција од над 100 години.

- Оглас -

Најнови вести