Домаќините беа само декор на младинското ЕП, Шпанија и Италија се четвртфиналисти

Домаќините Унгарија и Словенија беа само декор на младинското Европско првенство што го организираат заедно, а и двете селекции испаднаа уште во првата фаза по групи со вкупна гол-разлика од 3:19 и со само еден освоен бод.

Унгарците денеска беа декласирани со 6:1 од Холандија, а потоа и Словенците во последниот меч за нив во фазата по групи загубија од Италија, убедливо со 4:0.

Холанѓаните и Германците во драматична завршница се пласираа понатаму, а испадна Романија, иако имаше ист број бодови со нив, по пет.

Вечерва во вториот сет од последното коло по групи, Италија лесно со головите на Кутроне, кој погоди двапати и на Маџоре и Распадори ја декласираа Словенија.

Кутроне можеше да постигне и хет-трик, но промаши пенал во финишот на првото полувреме. Аѕурите патуваат во четвртфинале како второпласирана селекција од Б групата, а со нив за титулата ќе продолжи да се натпреварува и актуелниот шампион Шпанија.

Избраниците на Луис Дела Фуенте ја победија Чешка со 2:0 и со 7 бода завршија како лидери во групата.

Утре се играат последните четири меча од фазата по групи.

 

 

- Оглас -

Најнови вести