МЗТ Скопје Аеродром уште еднаш покажа зошто повеќе од една деценија е клубот кој доминира во македонскаѕта кошарка. Аеродромци победија на гостувањето во Битола против Пелистер со 67:78 и стигнаа до 3:0 во победи во финалето на плејофот, што беше знак дека може да почне славјето за 11-тата титула шампион на Македонија.
Битолчани веруваа дека ќе може барем на свој терен да му парираат на шампионот и добро го започнаа мечот. Поведоа со 13:4, но на крајот од првата четвртина МЗТ имаше поен предност (20:19). Во вторите 10 минути двата тима често се менуваа во водство, а по 39:39, Пелистер даде четири поени и на полувреме замина со предност од 43:39.
Домаќините два пати водеа со по седум разлика во третата четвртина (50:43 и 54:47), а при резултат 56:50 за Пелистер, гостите од Скопје со серија од 16:1 стигнаа до водство од 66:57.
Во тие моменти се распадна играта на битолчани, а МЗТ Скопје Аеродром како вистински шампион продолжи да го „гази“ ривалот и на крајот стигна до убедлива и шампионска победа.