Турција е новиот голем предизвик за Седлоски и подмладената Македонија

Два квалитетни ривала има фудбалската репрезентација на Македонија во овој мини-циклус од пријателски натпревари пред почетокот на Светското првенство. Откако не загуби од Босна и Херцеговина во Сараево, вечерва селекцијата на Гоце Седлоски, која е подмладена и реновирана, ќе се обиде да направи добар резултат и против силната Турција.


Неколку ѕвезди од врвните клубови во Серија А, како Чалханоглу, Јилдиз, но и од Арда Ѓулер од Реал Мадрид, се дел од составот на селекторот на Турција, Винченцо Монтела, и ова ќе биде навистина еден многу сериозен испит за Македонија.

„Очекувам дисциплинирана игра, многу борба, жестока трка и издание кое на крајот ќе донесе и позитивен резултат“, порача селекторот Гоце Седлоски на прес-конференцијата.

Нема да има многу промени во тимот во однос на стартерите со Босна и Херцеговина, а во првиот тим се очекува да влезе Езѓан Алиоски на левата странична позиција. Сите останати се речиси истите, иако ќе добијат шанса и другите фудбалери кои се на списокот на Седлоски, во второто полувреме кога се планирани поголем број замени.

Атмосферата ќе биде „пеколна“, се очекуваат преполни трибини на стадионот на Фенербахче затоа што турските фанови ќе дојдат да ги поздрават своите фудбалски ѕвезди пред заминувањето на Светското првенство.

- Оглас -

Најнови вести