24.8 C
Skopje
петок, 19 септември 2025

Донарума – полесно му е да ја сочува мрежата отколку да се „бори“ со англискиот јазик

Џанлуиџи Донарума блеска на теренот, но мака мачи со англискиот. Новата ѕвезда на Манчестер сити има потреба од преведувач, додека одушевува со одбраните. Дали јазичната бариера ќе му застане на патот кон успехот?

Џанлуиџи Донарума, ѕвезденото засилување на Манчестер сити оваа сезона, остави одличен впечаток во првите два натпревара за новиот клуб, но надвор од теренот се соочува со неочекуван предизвик. Во пресрет на важниот натпревар од Лигата на шампионите против Наполи, кој Граѓаните го добија со 2-0, италијанскиот голман откри дека се бори со англискиот јазик, што ја изненади дел од британската јавност.

На прес-конференцијата на „Етихад“, пред дуелот со шампионот на Италија, Донарума на прашањата одговараше на својот мајчин италијански. За сите прашања поставени на англиски мораше да користи преведувач.

– Gianluigi, grazie per il tuo tempo (Џанлуиџи, ти благодарам за времето) – му се обрати британски новинар, а Џиџо помисли дека слушалките нема да му бидат потребни.

– Italiano – се насмеа Донарума.

– How much did you enjoy… (Колку уживаше…) – продолжи новинарот, но голманот го прекина:

– Aspetta (почекај) – кажа тој и повторно ги стави слушалките за превод.

Иако ситуацијата е невообичаена за играч од ваков калибар во Премиер лигата, ова не е првпат да се споменуваат неговите јазични потешкотии. При доаѓањето во ПСЖ призна дека не зборува добро француски, а уште во 2020 се пишуваше дека активно учи англиски. Очигледно процесот на адаптација сè уште трае, но на теренот приказната е сосема поинаква.

И покрај јазичната бариера, Донарума на теренот е беспрекорен. Во дебито за Сити ја сочува својата мрежа во победата од 3-0 над градскиот ривал Јунајтед, заработувајќи пофалби од соиграчите и навивачите. Неговата блескава одбрана на ударот на Брајан Мбеумо особено го воодушеви Ерлинг Халанд.


Против Наполи имаше важна интервенција во шеснаесетникот.

Сепак, од пристигнувањето од ПСЖ е под лупа на стручњаците кои ја критикуваат неговата игра со нога – клучна вештина за голманите во системот на Пеп Гвардиола.

Сепак, изгледа дека јазикот не претставува пречка во соблекувалната. Италијанецот брзо воспоставил блиска врска со Ерлинг Халанд и ја истакнува одличната атмосфера во клубот.

„Сите ме пречекаа одлично, се чувствувам како да сум тука со години. Ставот на тимот мора да биде таков што функционираме како семејство“, изјави Донарума за клупските медиуми, потврдувајќи дека доаѓањето во Сити било негова единствена желба.

За дел од навивачите на Граѓаните она што го покажува на теренот е многу поважно од тоа што го кажува пред микрофоните, а неговиот талент, за среќа, не бара превод. Други пак сметаат дека фудбалер од ваква класа и по трансфер вреден 30 милиони евра на Островот мора да зборува англиски. Очигледно, Џиџо ќе мора на забрзан курс…

- Оглас -

Најнови вести