Дончиќ сруши нов рекорд, Далас ги гази ривалите

Лука Дончиќ одигра уште еден фантастичен меч, иако не успеа за прв пат да стигне до третиот трипл-дабл по ред во кариерата. Словенецот даде 30 поени, а имаше и 14 асистенции и 7 скока и тоа за само 28 и пол минути поминати на паркетот, во победата над Кливленд од 143:101. Со овој учинок, тој стана најмладиот играч во историјата на НБА кој успеал три меча по ред да има над 30 поени и 10+ асистенции.

Победникот се знаеше уште на полувремето, откако Далас со серија од 16:0 стигна до сигурна предност, која во продолжение на мечот само ја зголемуваше. Откако се знаеше дека Далас ќе стигне до четвртата победа во низа, Лука воопшто немаше потреба да игра во последната четвртина.

За Далас ова беше втора победа по ред со над 40 разлика, откако пред два дена славеа против Голден Стејт со 142:94. Претходно, само три екипи во историјата на НБА имале такво постигнување. Тоа им успеало на Феникс во сезоната 1988.89, Сакраменто 1992/93 и Њујорк 1993/94.

Освен Словенецот Дончиќ, свое шоу имаше и Србинот Никола Јокиќ. Денвер стигна до четвртата победа по ред и тоа во дербито против Бостон со 96:92. Јокиќ мечот го заврши со 18 поени, 16 скока и 10 асистенции, но немаше добар шут од поле погодувајќи 7 од 17 шута.

Овој дуел се памти и по повредата на ѕвездата на Бостон, Кемба Вокер, кој мораше на носилки да биде изнесен од теренот. 

Резултати: Детроит – Атланта 128:103, Вашингтон – Шарлот 125:118, Бруклин – Сакраменто 116:97, Чикаго – Мајами 108:116, Оклахома – Лос Анџелес лејкерс 127:130, Филаделфија – Сан Антонио 115:104, Далас – Кливленд 143:101, Денвер – Бостон 96:92, Јута – Голден Стејт 113:109, Лос Анџелес клиперс – Хјустон 122:119.

 

- Оглас -

Најнови вести