Дончиќ знае дека Томпсон не промашува кога е сам, трипл-дабл и пораз за Јокиќ на стартот (Видео)

Еден од најдобрите шутери во НБА-лигата, Клеј Томпсон, постигна 6 тројки од 10 обиди на својот прв меч во дресот на Далас маверикс и со 22 поени придонесе во победата над Сан Антонио спарс од 120-109.

Шесте тројки на Томпсон се клупски рекорд на Далас за еден нивен дебитант. Интересно е дека при две од тројките на Клеј, Лука Дончиќ не гледаше кон кошот, туку предвреме почнуваше да ги прославува тројките на својот нов тимски колега. Словенецот покажа дека има доверба во шутот на Томпсон, особено кога тој е сам и не шутира преку рака.

Дончиќ беше прв стрелец со 28 поени, а му фалеа две асистенции за трипл-дабл.

Трипл-дабл учинок (16 поени, 12 скока и 13 асистенции) имаше Никола Јокиќ, но неговиот Денвер нагетс беше поразен дома од младиот, но талентиран состав на Оклахома сити тандер со 87-102. Деби во дресот на Нагетс имаше Расел Вестбрук, кој заврши со скромни 6 поени и слаба реализација на шут, а имаше и по пет скока и асистенции.

Одлична игра во нов дрес прикажа Џулиус Рендл, кој со 33 поени придонесе за победата на Минесота тимбервулфс над Сакраменто кингс од 117-115.

Шампионот Бостон селтикс дојде до втората победа сезонава, Келтите со добра игра во втората и третата четвртина убедливо славеа на гости кај Вашингтон визардс со 122-102.

- Оглас -

Најнови вести