Македонската футсал репрезентација со победа ги отвори контролните натпревари против селекцијата на Австрија што се играат во салата 26 април во Гевгелија.
Избраниците на селекторот Газменд Хисејини и покрај водството на противникот од 3:0, на крајот успеа да направи пресврт и да триумфира со 5:3.
Во четвртата минута гостите преку Абдул Јазичи поведоа со 1:0, а истиот играч во 12-тата ѝ носи предност на Австрија од 2:0. Третиот погодок за нашиот противник беше постигнат во 14-тата минута, а стрелец е Вахид Мухаремовиќ.
Во финишот од првото полувреме Седат Зибери намали на 3:1, а по две минути игра во вториот дел Таулант Исмаили го најави пресвртот на македонската репрезентација.
Во 28-мата минута Иван Крстевски го израмни резултатот додека Тони Киревски со погодокот во 31-вата минута и носи предност на Македонија од 4:3.
Во самата завршница Австријците по секоја цена се обидуваа да стигнат до израмнување и во последните минути играа без голман. Тоа го искористи нашиот чувар на мрежата Антонио Петревски, кој во 38-мата минута го постигна петтиот погодок за Македонија, со што се потврди триумфот во овој дуел.
Вториот контролен натпревар ќе се одигра утре исто така во салата 26 април во Гевгелија со почеток од 18 часот.

