Бекот на Кливленд кавалирс, Донован Мичел, постигна дури 71 поен во победата на неговиот тим од 145:134 над Чикаго булс и стана само третиот кошаркар во овој век, по Коби Брајант и Девин Букер што постигнал 70 или повеќе поени, а вкупно само седми играч во историјата на НБА-лигата со вакво постигнување.
Легендарниот центар Вилт Чембрлен дури шестпати ја поминал границата од 70 поени, а по по еднаш тоа го сторија Брајант, Букер, Дејвид Томпсон, Елџин Бејлор и Дејвид Робинсон.
Згора на тоа, Мичел го собори и клупскиот рекорд по бројот на постигнати поени што досега го држеа Леброн Џејмс и Кајри Ирвинг со по 57 поени.
Бекот на Кливленд шутираше неверојатно на натпреварот, погоди седум тројки од 15 шута, а вкупно од игра имаше 22-34. Токму Мичел беше најзаслужен за продолжението од пет минути кое Кливленд го доби дури со 15:4. На три секунди пред крајот на регуларниот дел од средбата, намерно го промаши слободното фрлање, дојде до топката и успеа да постигне два поени за продолжение. Кај Чикаго, најдобар беше Демар Дерозан со 44 поени.
Лука Дончиќ продолжува со одличните игри и во победата на неговиот Далас од 111:106 на гостувањето кај Хјустон рокитс постигна 39 поени, а имаше и 12 скока и 8 асистенции. Словенечкиот кошаркар е прв стрелец во НБА со 34,3 поени по натпревар, а е во топ 5 по асистенции и бројот на украдени топки.
Ова беше седма победа на Далас и се искачи на четвртото место на табелата во Западната конференција со скор 22-16.
Најдобриот натпревар утринава го одиграа Голден стејт и Атланта, кој заврши со триумф на Воините со 143:141, и тоа по две продолженија.
Атланта речиси цел натпревар од регуларниот дел ја бркаше предноста на Голден стејт, која во еден момент изнесуваше и 21 поен, а потоа успеа да се врати во игра и да поведе, но триумф не дозволи Клеј Томпсон. Атланта по слободните фрлања на Тре Јанг поведе со три поени предност на девет секунди до крајот на мечот, но во последната секунда Клеј Томпсон погоди тројка и го однесе натпреварот во продолжението.
Томпсон и во првото продолжение погоди тројка на 18 секунди до крајот, но овој пат Јанг со две слободни фрлања го однесе мечот во второ продолжение, кое им припадна на Воините за конечен триумф.
Во отсуство на повредениот Стеф Кари, улогата на прв реализатор на Голден стејт ја презеде Томпсон со 54 постигнати поени, а Џордан Пул даде 28 поени. На спротивната страна, Тре Јанг даде 30 поени и имаше 14 асистенции.
Резултати: Шарлот – ЛА лејкерс 115:121, Кливленд – Чикаго 145:134, Индијана – Торонто 122:114, Филаделфија – Њу Орлеанс 120:111, Бруклин – Сан Антонио 139:103, Хјустон – Далас 106:111, Минесота – Денвер 124:111, Голден стејт – Атланта 143:141, Портланд – Детроит 135:106, ЛА клиперс – Мајами 100:110.