Дремат пред телевизор, никогаш не фатиле топка во рака, ама сѐ знаат за сите спортови

Македонската ракометна репрезентација има половичен успех по првите две кола на Европското првенство во Виена. Минимална победа против Украина и пораз од два разлика во дуелот со Чешка. Сега останува уште дуелот против Австрија, кој треба да го добиеме со два разлика ако сакаме да бидеме мирни и да не чекаме други калкулации. Инаку ако се влезе во пресметки, ќе дојдеме и до тоа дека и ако не ја победиме Австрија, имаме шанси да бидеме втори. 

Кога ја победивме Украина, се радувавме, но веднаш започна дискусија кој бил нашиот најдобар ракометар на тој меч. Европската ракометна федерација (ЕХФ) го прогласи Филип Талески за играч на натпреварот, а веднаш потоа започна дебата по социјалните мрежи.

ЈА ПОБЕДИВМЕ УКРАИНА, АМА „СЕЛЕКТОРИТЕ“ ВЕДНАШ СЕ ПОЈАВИЈА СО АНАЛИЗИ

Кај најголемиот дел од македонските навивачи, но и обични гледачи, се појави „селекторот во нив“. Коментари од типот „како може Талески да биде играч на мечот кога Лазаров даде осум гола и беше стрелец и на погодокот за победа“ или „каде бе Талески играч на мечот кога Митрески бранеше феноменално и имаше 14 одбрани“ се само дел од коментарите кои можеа да се прочитаат по победата над Украина. Како да е толку битно кого ЕХФ ќе прогласи за играч на мечот и наместо да има пофалби за сите играчи, дебатите беа за тоа кој бил подобар.

Ако по победата над Украина се појавија само најзагреаните „селектори“, тоа што се случи по поразот од Чешка беше врвот. „Плукање“ на сите страни, како да сме загубиле од некоја второкласна селекција, а не од Чешка, против која и пред овој дуел имавме негативен меѓусебен дуел.

ШТО ЌЕ БИДЕ АКО ЈА ПОБЕДИМЕ АВСТРИЈА СО ДВА ГОЛА?

Како можел селекторот да го стави Борко Ристовски на голот, а не го оставил Митрески, за кого нема дилеми дека бранеше одлично против Украина. Токму Борко беше најмногу на „тапет“ кај фановите. До пред некое време го нарекуваа „министер за одбрана“, а сега сите „плукаат“ кон него. Во стручните навивачки анализи не беа поштедени ниту Талески, Кузмановски и некои од останатите играчи. И тоа само по еден пораз.

Шанси за пласман во групната фаза и понатаму постојат. Точно дека ќе биде ѓаволски тешко да се победи домаќинот Австрија на нејзин терен, но сепак тоа не е невозможна мисија. Работата е што ќе се случи ако Риствски повторно добие шанса да брани и ако овојпат има 10-тина одбрани и ја победиме Австрија? Дали Борко повторно ќе биде „министер за одбрана“, дали Талески кој игра речиси цел меч во одбрана и нападот повторно изгине и биде прогласен за играч на меч ќе го оспоруваме дека не ја заслужил наградата?

ЕДЕН СЕЛЕКТОР, НАВИВАЧ НА РОМА, ДОБИ ШАНСА ДА ПОКАЖЕ КОЛКУ ЗНАЕ, ТАКА ТРЕБА И ЗА СИТЕ НАШИ „СТРУЧЊАЦИ“

И не е само во ракометот. Македонија и во минатото покажува дека има селектори колку што има и луѓе, без разлика дали е тоа во кошарката, фудбалот или во некој друг спорт. На социјалните мрежи сега имаа право да коментираат и оние кои никогаш не биле на стадион или во сала, оние кои не знаат ни да шутнат топка, но од седење и гледање пред телевизор се прават поголеми стручњаци од оние кои цел живот се фокусирани на спортот, на тренинзите на натпреварите.

По еден пораз плукаме по сите оние кои во изминативе девет години секоја зима ни носат возбудувања, радости и тага, но најважно ја претставуваат Македонија на сите големи ракометни натпреварувања.

Пред неколку месеци, еден навивач на Рома, кој на социјалните мрежи се правеше многу паметен дека знае сѐ и плукаше по играчите, доби шанса да се покаже тој колку знае. На видеото можете да видите како помина тој.

- Оглас -

Најнови вести