Хрватите собраа 24.000 евра од продажба на дресовите со кои обезбедија место на СП во Катар

Хрватска со 1:0 ја победи Русија во Сплит, во меч на кој Коцкестите обезбедија место на Светското првенство во Катар. Дресовите со кои Хрватите играа во овој меч беа дадени на онлајн аукција.

Почетната цена на дресовите беше 89 евра, а најголема цена достигна дресот на капитенот Лука Модриќ, кој беше продаден за 2.215 евра. Вкупно беа собрани 23.729 евра, пари коишто одат за организацијата „Заклада ватрено срце“, која пред повеќе од 10 години ја формираа играчите и стручниот штаб на фудбалската репрезентација.

Ова не е првпат хрватските фудбалери да ги дадат на аукција дресовите со коишто играат на еден официјален меч. Во првата ваква акција, дресовите од дуелот против Унгарија во квалификациите за ЕП 2020 година беа продадени и беа собрани 31.352 евра, додека од дресовите од осминафиналето на ЕП 2020 година против Шпанија, Коцкестите собраа вкупно 48.909 евра. Тогаш дресот на Модриќ достигна цена од 16.000 евра.

На вкупно седум аукции кои досега биле организирани се собрани вкупно 180.413 евра, со што Хрватите покажаа како може да се соберат пари за оние на коишто им се најпотребни.

- Оглас -

Најнови вести