Во првиот натпревар од 20-тото коло од Првата македонска фудбалска лига, дуелот меѓу двете првопласирани екипи на табелата, Струга ТЛ и Шкупи заврши без победник 2:2.
Со ремито, Шкупи остана лидер на табелата со 42 бода, додека Струга ТЛ има бод помалку.
Натпреварот започна со пенал за Струга уште во третата минута, но најдобриот играч на актуелниот шампион, Бесарт Ибраими, не беше прецизен од белата точка, односно неговиот шут го одбрани голманот Иљази.
До крајот на првиот дел немаше голови иако се играше добар фудбал, но затоа во второто полувреме беа постигнати дури четири гола.
Прво, Шабани во 54-тата минута го отвори резултатот, а потоа засилувањето на Шкупи од Норвешка во зимскиот преоден рок, Ерик Гронер, во 66-тата минута го израмни резултатот. Ова беше трет гол за Гронер во двата меча за Шкупи.
Радоста на гостите за израмнувачкиот гол траеше само две минути бидејќи во Радески погоди за 2:1. Но, тоа не беше се на овој меч бидејќи Рватубаје во 74-тата минута постигна гол за 2:2, резултат кој на крајот се покажа како конечен.