Дури 55-мина палестински фудбалери се убиени, селекцијата се подготвува за Азискиот куп

Фудбалската репрезентација на Палестина за помалку од 10 дена ќе биде дел од отворањето на Азискиот куп, најголемото континентално натпреварување на најголемиот континент во светот.

Минатата година фудбалерите на Палестина се радуваа на големиот успех откако успеаја да се квалификуваат на завршниот турнир, но не ни можеа да претпостават дека непосредно пред стартот на натпреварувањето ќе живеат во кошмар.

Од 7 октомври, кога милитантната група на Хамас го нападна Израел, започна војна во која загинаа илјадници луѓе, а жестоки се нападите врз Палестина. Како што објавија од Палестинската фудбалска федерација, дури 55-мина фудбалери го загубиле животот откако почна оваа војна што трае речиси три месеца.

Освен убиените фудбалери, уништени се и 10 фудбалски терени, па репрезентацијата на Палестина ќе замине во Саудиска Арабија на последни подготовки пред стартот на Азискиот куп кој ќе се игра од 12 јануари и ќе трае до 10 февруари во Катар.

„Имаме многу физички, технички, тактички и психолошки проблеми. Многу играчи се и на бојното поле. Нивните домови се уништени, а семејствата им се заробени во Газа. Тие навистина патат“, открива селекторот на Палестина, Маркам Дабоуб, кој го објави составот со кој планира да игра на Азиските игри и се надева дека тој ќе биде конечен и нема на некој од играчите да му се случи најлошото во овој период.

Главна цел на Палестина ќе биде да ја помине првата фаза од натпреварувањето. На стартот од турнирот, прв противник ќе им биде Иран на 14 јануари, а во групата за ривали уште ќе ги имаат и селекциите на Обединети Арапски Емирати и Хонг Конг.

 

- Оглас -

Најнови вести