Дуро: Жалгирис има 20 пати поголем буџет од нашиот, но на теренот се виде дека нема голема разлика

Македонскиот шампион Струга ТЛ утре на стадионот „Билјанини извори“ го игра реванш натпреварот од првото квалификациско коло за пласман во Лигата на шампионите против Жалгирис, а и покрај позитивниот резултат од првиот меч, тренерот на стружани, Шпетим Дури, фаворитската улога му ја препиша на литванскиот тим.

„Поради многу аспекти Жалгирис е фаворит. Имаат големо искуство, буџет кој можам да кажам дека е 20 пати поголем од нашиот, а во минатата сезона ја покажаа силата со пласман во групната фаза од Лигата на конференции елиминирајќи тимови како Малме. Но, на теренот на првиот меч се виде дека нема голема разлика, се надевам дека така ќе биде и утре. Се надевам дека стадионот ќе биде полн и ќе имаме голема поддршка од трибините“, вели Дуро.

Првиот меч кој се играше во Литванија заврши без голови, и според прикажаната игра на неговите фудбалери, Дуро смета дека со максимална концентрација може да се совлада Жалгирис и да се избори двомеч со Галатасарај.

„Ние како тим не летаме премногу, скромни сме, и челниците на клубот, и ние како стручен штаб и фудбалерите. Свесни сме дека и покрај добриот резултат, сѐ е отворено. Знаеме дека противникот има големо искуство во европските натпревари, но знаеме и дека ние имаме фудбалери кои цела недела работат и се подготвени на теренот да ги спроведат идеите. Нашата цел е да извадиме максимум од нашите сили. Нема еуфорија, само сериозност и максимална концентрација“, изјави тренерот на Струга ТЛ на денешната прес-конференција.

- Оглас -

Најнови вести