Двете лица на Интер: Во претходното коло го надигра и го победи Милан, а вечерва ремизира против претпоследниот тим на табелата

Фудбалерите на Интер одиграа без голови на гостувањето кај Сампдорија во последниот натпревар од 22-рото коло во Серија А.

Нераѕурите и со ремито останаа на второто место на табелата со 44 бода, три повеќе од Аталанта, Милан и Рома, но 15 помалку од лидерот Наполи. Сампдорија, пак, е претпоследна на табелата со 11 освоени бода и е осум бода оддалечена од местото кое гарантира опстанок.

Со ремито во Џенова, Интер го расипа впечатокот од претходното коло, кога во градското дерби го надигра и го победи Милан со 1:0.

Но, вечерва залуден беше поголемиот посед на топката и 24-те упатени шутеви кон голот на домаќинот бидејќи не успеаја да ја затресат мрежата на голманот на Сампдорија, Аудеро.

Ромелу Лукаку уште во втората минута се закани, но неговиот шут го одбрани Аудеро.
Втората голема шанса за гол Интер ја имаше во 78-мата минута, кога шутот на Чалханоглу исто така го одбрани Аудеро.

Голманот на Сампдорија одлично интервенира и во судиското продолжение, кога го одбрани шутот на Ачерби и на својот тим му донесе голем бод во борбата за опстанок.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести