Шкендија со 2:0 славеше над Струга Трим Лум во меч од 17-тото коло на Првата фудбалска лига на Македонија. Со овој меч во Тетово и дуелот во Кавадарци меѓу Шкупи и Тиквеш (0:5) започна пролетниот дел од сезоната во елитното фудбалско друштво кај нас.
Актуелниот македонски првак Шкендија дури во последните 15-тина минути го скрши отпорот на гостинот од Струга. По првиот дел немаше голови, двете екипи имаа шанси да стигнат до водство, но резултатот беше отворен дури во 78-мата минута. Ибраими биеше силно, голманот на Струга Ангелати кратко ја одби топката, а тоа го искористија домаќините кои преку Себастијан Спахиу стигнаа до водство од 1:0.
Струга се обиде да израмни, но фактот дека гостите тргнаа поофанзивно во нападот, го искористија домаќините, кои во 88-мата минута со голот на Ндзенгуе погодија за 2:0.
Во вториот меч, одигран во Кавадарци, Тиквеш немаше милост против Шкупи и славеше со 6:0. Тиквеш, кој официјално беше гостин на овој меч, уште во првото полувреме даде четири гола и ги реши сите дилеми околу победникот. Садик погоди за 1:0 во деветтата минута, а потоа погодуваа и Стојковиќ во 20-тата минута, Тасев во 23-тата и Голубов во 45-тата минута. Во второто полувреме повторно прв погоди Садик, овојпат во 61-вата минута, а конечниот резултат беше поставен во 76-тата минута.
Шкендија со оваа победа стигна до 39 бода и останува на третото место на табелата, но сега е само на два бода помалку од денешниот ривал Струга, додека лидерот Вардар има 42 бода, но и меч кој утре ќе го одигра против Арсими.
Тиквеш стигна до 21 бод и е на седмото место на табелата, додека Шкупи останува закован на дното со само еден бод.

