Двоен џек-пот за „милионерите“ – Ривер плејт ќе плати 5 милиони евра за јунакот Кинтеро

Хуан Фернандо Кинтеро постигна гол за паметење и клучен за големата победа на Ривер плејт во финалето на Копа Либертадорес, а интересно е што во аргентинскиот клуб го минува перидот на трета позајмица од клубот со којшто има договор. Тоа е португалскиот Порто, кој ги откупи комплетно правата за Кинтеро од Пескара, а потоа го позајмуваше во француски Рен, во колумбискиот Индепендиенте и сега во Ривер плејт.

Во 2013 година Порто ѝ плати на Пескара 5 милиони евра за да го добие Колумбиецот, кој тогаш имаше 20 години и беше во кругот на најталентираните млади играчи на светот.

Пескара тогаш задржа 50 отсто од правата при евентуална следна продажба на Кинтеро, но веќе следната година Порто комплетно го откупи договорот и одреди клаузула со фантастична отштета од 40 милиони евра за Хуан.

Но, на Кинтеро не му одеше најдобро во Порто, почесто ја „грееше“ клупата отколку што играше, патем и се повреди и долго пазуираше, па португалскиот клуб одлучи да му го позајми на француски Рен.

И таму сега веќе 25-годишниот играч не се снајде најдобро, па повторно замина во друг клуб како позајмен играч. Заинтересирани за него беа од Индепендиенте, па на Кинтеро добро му дојде камбекот во родниот град Меделин.

Но и таму остана краток период, малку повеќе од една година, од септември 2016 до декември следната година, и повторно како позајмен играч со договор со Порто се пресели во Ривер плејт.

Во јануари годинава аргентинскиот клуб му плати на Порто 300 илјади евра, но од Ривер беа мудри, па во договорот вклучија и клаузула дека имаат право да го откупат неговиот договор од Португалците за 5 милиони евра.

И сега најавуваат дека ќе ја активираат можноста да го откупат комплетно договорот на нивниот нов јунак и стрелец на вториот гол против Бока јуниорс во финалето на Копа Либертадорес.

Кинтеро со вистинска бомба во 109-тата минута постигна гол на „Сантијаго Бернабеау“ за предност на Ривер плејт од 2-1 против вечниот ривал Бока јуниорс, што беше и клуч на триумфот од 3-1 за пехар во јужноамериканската Лига на шампиони, или како што се нарекува Копа Либертадорес.

За Хуан е поврзан уште еден интересен детаљ – тој е првиот Колумбиец што постигнал голови на две светски првенства. На Мундијалот во Бразил во 2014 година погоди против Брегот на Слоновата Коска, а годинава во јуни беше стрелец и против Јапонија на Светското првенство во Русија.

- Оглас -

Најнови вести