Мино Рајола, агентот на двете ѕвезди на Милан, Златан Ибрахимовиќ и Џанлуиџи Донарума, има двојна задача да им обезбеди на своите клиенти нови договори во клубот. Италијанските медиуми тврдат дека Златан и младиот Џиџи со хеликоптер го напуштиле тренинг-кампот на Милан со цел да се сретнат со Рајола и да дискутираат на оваа тема.
Ибрахимовиќ сега би останал на „Сан Сиро“ со оглед на тоа дека управата одлучи да го задржи тренерот Стефано Пиоли и во наредните две години. Наводно, два милиони евра ги делат Милан и Ибрахимовиќ од нова соработка, бидјеќи Швеѓанецот сака зголемување на платата од четири на шест милиони евра годишно.
Што се однесува за Донарума, неговиот договор истекува следното лето, па клубот ќе загуби многу доколку му дозволи да си замине како слободен играч. Италијанскиот репрезентативец вчера против Аталанта го запиша 201-от настап во дресот на Милан, а првпат доби одговорност да биде капитен на екипата, што наговестува дека Росонерите сметаат на неговите услуги.