Австралискиот тенисер со хрватско потекло Бернард Томиќ одигра еден од најбизарните мечеви во историјата на Вимблдон. На дуелот против Жо-Вилфред Цонга, Томиќ загуби со 2:6, 1:6, 4:6, и тоа само за 58 минути игра, што е втор најкраток меч што се игра во три сетови од 2002 година до денес.
„Точно е дека играв многу лошо. Всушност бев ужасен. Играв најдобро што можам, но проблем е тоа што моето најдобро овојпат беше ужасно. А плус, противникот погоди 24 аса“, рече Томиќ по поразот од Цонга.
Организаторите на Вимблдон најавија истрага, а ако се докаже дека Томиќ намерно загубил, ќе остане без планираните пари (45.000 фунти) за пласман во првото коло на овој гренд слем турнир. На Вимблдон веќе има една казна од 15.000 фунти, кога призна дека намерно глумел дека е повреден во поразот од Зверев.
Ова не е прв пат Томиќ да загуби експресно. Во 2014 година, на турнир во Мајами, Томиќ само за 28 минути игра беше поразен од Јарко Ниеминен.