Еден од најголемите аутсајдери може да биде прв осминафиналист

Второто коло од Европското првенство започнува денеска, а две селекции имаат шанса да го заверат местото во нокаут-фазата. Денешните возбудувања ќе започнат од 15 часот, со дуелот Финска – Русија, а мечот се игра во Санкт Петербург. Русите играат на домашен терен и се фаворити, но Финска во првото коло покажа дека знае да изненади.

Во најдраматичниот меч досега не поради играта на теренот, туку поради срцевиот напад што го преживеа Кристијан Ериксен, Финска со 1:0 ја победи Данска во меч на кој финските фудбалери упатија само еден удар кон голот на противникот. За тоа колку е добра одбраната на Финска, говори и фактот дека Данците дури промашија и пенал за 1:1.

Ако Финска успее и вечерва да изненади против Русија и да освојат три бода, тие ќе бидат првите патници во осминафиналето. На последните четири меѓусебни дуели, Русија има четири убедливи победи со гол-разлика од 15 дадени и само еден примен гол.

Втората репрезентација која може да обезбеди место во осминафиналето е Италија. Некогашниот европски и светски првак во првото коло убедливо со 3:0 ја победи Турција и сега очекува нови бодови против Швајцарија на „Олимпико“ во Рим.

Швајцарците имаат еден бод од ремито 1:1 против Велс. Велшаните денеска играат против Турција, која доколку повторно загуби, ќе има само теорија да се надева на место во нокаут-фазата.

 

- Оглас -

Најнови вести