Еди Хау: Ако е за доброто на Њукасл, подготвен сум да си заминам

Менаџерот на Њукасл, Еди Хау, се соочува со сè поголеми критики, а шпекулациите околу неговата иднина стануваат сè почести. Причините се непостојаната форма, лошата позиција на табелата и фактот дека тимот има само една победа на последните шест натпревари во сите натпреварувања. Сепак, Хау верува дека „чавките“ можат да врзат серија на добри резултати и успешно да ја завршат сезоната, а надежта му е таа серија да започне на утрешниот дуел против Борнмут.

„Имаме потреба повторно да го почувствуваме тоа чувство што го носат победите. Помина премногу време. Очајно сакаме да победиме и да играме добро. Оваа недела имавме мешавина од емоции. Запишавме разочарувачки резултат против Кристал палас и имаше малку гнев. Немаше многу насмеани лица на тренинг, но чувствувам дека постои цврста решителност да се поправи ситуацијата.

Беше чудна година во однос на пласманот во Премиер лигата. Ни треба серија победи, каква што ни недостигаше во текот на целата сезона. Најголем проблем беше недостигот на конзистентност. Се наоѓаме во тежок период, но сè уште можеме да завршиме со успешна сезона, и тоа мора да ни биде целта“, изјави Еди Хау.

Тој вели и дека е подготвен да замине ако тоа би донело ефект за клубот.

„Јас само сакам да му служам на клубот и да го правам она што е најдобро за него. Тоа отсекогаш ми била целта. Ако тоа значи да си заминам за доброто на клубот, тогаш немам проблем со тоа. Но, ако верувам дека јас сум вистинскиот човек да го води клубот напред, а верувам дека сум, тогаш ќе продолжам и ќе се борам до крај. Ќе се борам посилно од кога било, но важно е двете работи да бидат усогласени“, истакна менаџерот на Њукасл.

- Оглас -

Најнови вести