Една од најубавите приказни во Париз: Тимот на бегалците го освои првиот медал во историјата

Камерунската боксерка Синди Нгамба (25) се пласира во полуфинале на Олимписките игри во категорија до 75 килограми и на тој начин го обезбеди првиот историски медал за Тимот на бегалците.

Во четвртфиналниот меч, Нгамба беше подобра од домашната натпреварувачка, Французинката Давина Мишел, со одлука на судиите со 3:0. Во полуфиналето, кое ќе се одржи во четврток, ќе се соочи со боксерката од Панама, Атејна Билон, додека во второто полуфинале во оваа категорија ќе се сретнат Кинеската Ли Чиан и Австралијката Кајтлин Паркер.

Синди и нејзиното семејство се преселиле во Обединетото Кралство од Камерун кога таа имала само 11 години, во потрага по подобар живот, а со бокс почнала да се занимава сосема случајно. До денес, нејзиниот статус на државјанство не е решен, што значи дека не може да ја претставува Велика Британија, но Синди ги исполнува условите да настапува за т.н. Тим на бегалците.

Лани таа стана првата боксерка во олимпискиот тим на бегалците која обезбеди место во Париз преку квалификации.

Спортистите во Тимот на бегалците првпат се појавија во Рио, каде ги имаше десетмина, во Токио бројката се зголеми на 29, а сега во Париз учествуваат 37.

- Оглас -

Најнови вести