Миха Тетичкович, кој е голман на словенечкиот клуб Домжале, се пријави на Милионер и блескаше давајќи точни одговори на првите осум прашања, а неговиот настап продолжува во следната епизода. Миха во минатата сезона во Домжале беше клупски колега со македонскиот интернационалец Агим Ибраими, кој сега е во Шкендија.
Тетичкович сакал да учествува на популарниот квиз за да докаже дека не се точни предрасудите дека сите фудбалери, особено голманите, се глупави.
„Една од причините поради кои се пријавив е токму разбивањето на стереотипите за нас фудбалерите“, изјави Тетичкович.
Миха не само што без никаква помош ги погоди одговорите на прашањата, туку одговараше брзо, како од пушка. Има загарантирана добивка од 800 евра, а борбата продолжува во следната емисија. Максималната можна добивка на словенечкиот Милионер е 100.000 евра.
Иако многумина не знаат, доста фудбалери не го запоставија своето образование. Џорџо Кјелини е дипломиран економист, Андрес Иниеста заврши факултет за физиотерапевт, а Хуан Мата е стручњак за маркетинг. Јан Вертонген има диплома во областа на спортскиот маркетинг, Роберт Левандовски има кинезиолошки факултет, а Жерард Пике, кој има коефициент на интелегенција 140, слушал предавања на Универзитетот Харвард.