Екс тренер на Шкендија тргнал кон Сплит да потпише за Хајдук, а имал авионска несреќа

Некогашниот косовски напаѓач Ардијан Кознику, раскажа интересна анегдота кога требало да замине во Сплит и да потпише за Хајдук. Кознику со приватен авион полетал од Приштина, но ги фатило невреме и авионот принудно слетал на една ливада во близина на српскиот град Ужице, и притоа неколку пати се превртел, а за среќа никој не загинал.

Кознику во 1990 заигра за Хајдук, го освои славниот последен Куп на Југославија во 1991, кога ја совладаа Црвена ѕвезда, која неколку недели подоцна стана европски првак.

По распадот на СФР Југославија, Кознику остана во Хајдук, и во првата сезона на шампионатот на самостојна Хрватска, беше најефикасен поединец.

„Хајдук прв ме побара, ми рекоа дека долго време не следат и сакаат да ме донесат. Им дадов збор, а потоа се јавија и Динамо и Партизан. Од Динамо ми нудеа повеќе пари, од Партизан ми гарантираа дека ќе играм за репрезентација, упорни беа, но јас ги одбив, бидејќи веќе му имав дадено збор на Хајдук“ – вели Кознику.

Но, одлуката да игра за Хајдук од кој добил 300.000 германски марки, за малку ќе била кобна по него.

„Со Јурица Јурковиќ, пилотот и вујко ми, полетавме со тоа авионче кон Сплит, каде требаше да има дочек. Но, на половина пат нè фати невреме. Пилотот се врати, се обидуваше да контактира со било кој аеродром и на радар да ни најдат место на кое може да слетаме. Нашиот авион немаше радар, пилотот се потпираше само на тоа што го гледа, а почнуваше да паѓа мрак. Врските се расипаа и моравме да слетаме на една каловита ливада. Авионот до допирот со земјата, отскокна 20 метри, и пак падна, по што се превртевме, но без потешки повреди. Со такси заминавме за Белград, а од таму со редовна авионска линија до Сплит“ – се пристетува Кознику кој во сезоната 2014/2015 беше тренер на тетовска Шкендија, а играше и за хрватската репрезентација.

- Оглас -

Најнови вести