Експериментот на Валверде потфрли, Леванте може да сонува четврт-финале

Леванте со предност од еден гол ќе го чека реваншот на „Камп ноу“, откако во првиот осминафинален дуел против Барселона триумфираше со 2-1. Тренерот на шпанскиот првак, Ернесто Валверде, реши да експериментира во пресрет на овој дуел, па им даде слободен ден на Меси и Суарес, но експериментот очигледно не функционираше.

Домаќините за помалку од 20 минути во два наврати ја тресеа мрежата на Силесен. Во четвртата минута Леванте го искористи првиот прекин, па Кабако со глава ја смести топката во мрежата на Каталонците. Во 18-тата минута конечниот резултат го постави мадридското дете Борха Мајорал, кој како позајмен играч од таборот на „кралевите“ игра за Леванте.

Гостите стигнаа до погодок во 85-тата минута преку Кутињо, кој реализираше од белата точка по направениот фаул во казнената зона врз Денис Суарес.

Слободен ден имаше и нашиот репрезентативец Енис Барди, стратегот Пако Лопес одлучи да го одмори играчот за врска бидејќи веќе во недела ги очекува тешко гостување кај Атлетико Мадрид.

Реванш-средбата меѓу Барселона и Леванте е закажана за 17-ти јануари, со почеток од 21:30 часот на „Камп ноу“.

https://www.dailymotion.com/video/x70f2xn

 

https://www.dailymotion.com/video/x70f3x1

Претходно Бетис и Реал Сосиедад одиграа реми без голови, па сите карти се отворени во пресрет на реваншот во Сан Себастијан.

- Оглас -

Најнови вести