Во големото интервју за најпознатиот шпански спортски весник, „Марка“, Елиф Елмас, пред вечерашниот меч на Лајпциг со Реал Мадрид од осминафиналето во Лигата на шампионите, говореше на многу теми, а фаворитската улога му ја препушти на Кралскиот клуб и призна дека му се допаѓа Реал и дека омилен играч му е Лука Модриќ.
„Има многу неверојатни играчи во Реал, но јас сум од Балканот, правам избор со срце и ќе кажам дека број 1 ми е Лука Модриќ. Неговата историја е неверојатна и со Мадрид и со Хрватска. Тој е Златна топка. Не велам дека другите не се толку добри како него, но мојот фаворит е Лука. За мене тој е број 1 од сите од просторите на екс-Југославија. Секако дека имам негов дрес“, откри Елмас.
Елмас го испофали и Џуд Белингам, кој нема да игра вечерва поради повреда.
„Тој е 20-годишник кој игра како 30-годишен ветеран. Како ја запира топката, како се движи… Импресивно е. Го гледате на телевизија и можеби мислите дека е некој што не трча. Но, кога го имате пред вас, не можете да замислите колку трча и колку му помага на тимот и во одбрана. И со топката е одличен. Има совршен тајминг во последниот дел од теренот, знае да игра како лажна 9-ка, се уфрла и како крило. Не е можно да има 20 години!“, вели Елмас, кој сезонава во ЛШ веќе играше двапати против Реал во дресот на Наполи.