Елиф Елмас во новата 2024 година ќе влезе како член на нов клуб. По четири и пол години поминати во дресот на Наполи, македонскиот репрезентативец станува член на германскиот Лајпциг.
Бундеслигашот кој е формиран само пред 14 години, веќе неколку години има запазена улога во домашното првенство. Двапати беше вицепрвак во шампионатот, а може да се пофали со два трофеи од Купот на Германија и еден од Суперкупот освоен на почетокот на оваа сезона.
Лајпциг се согласи да плати 25 милиони евра за трансферот на Елмас, со што тој станува најскапоплатениот македонски фудбалер во историјата. Елмас треба да биде замена за Форсберг, кој си заминува од Лајпциг, додека Дани Олмо уште е повреден и не е на располагање за во составот.
Според договорот, Елмас до крајот на овој месец треба да замине во Лајпциг и да ги помине лекарските прегледи, па потоа и официјално да биде потпишан договорот.