Емотивна средба на Модриќ со неговиот прв професионален тренер (Видео)

Стотици навивачи го пречекаа Лука Модриќ на стадионот на Зрињски во Мостар, а и хрватската фудбалска икона призна дека срцето му чукало забрзано кога се вратил во градот во којшто го имаше дебито како професионален играч пред 21 година.

Модриќ пристигна во Мостар по повод промоцијата на филмот „ХШК Зрињски – Приказна за гордоста“, во кој и тој зборува за натпреварите кои ги одиграл за овој клуб.

Модриќ сениорската кариера ја започна токму во Мостар, во Зрињски, каде што мина една сезона како позајмен од Динамо Загреб.

„Кога се спуштавме кон Мостар, срцето веќе почна да чука малку посилно, емоциите работеа. Зрињски и Мостар имаат посебно место во моето срце. Тука ги направив првите сениорски чекори и станав професионален фудбалер. Клубот навистина многу порасна, веќе освои и многу титули“, изјави Модриќ, кој имаше 18 години кога заигра за Зрињски и беше најдобар играч во лигата на Босна и Херцеговина.

Капитенот на хрватската репрезентација имаше и трогателна кратка средба со Фрањо Џидиќ, човекот кој му даде шанса во сениорскиот фудбал.

„Лука мој“, рече 85-годишниот Џидиќ кога го виде Модриќ како му доаѓа во прегратка.

- Оглас -

Најнови вести