Еден од најголемите светски таленти, бразилецот Ендрик, од денес и официјално е фудбалер на Реал Мадрид. Ендрик денес го прославува својот 18-ти роденден и полнолетството, што значи дека се активира договорот од пред речиси две години, кога Палмеираш го продаде на „кралскиот“ клуб.
Флорентино Перес тогаш имаше голема конкуренција во ПСЖ, кој нудеше неверојатни 80 милиони евра за младиот фудбалер, но одлучи желбата на Ендрик, кој сакаше да потпише за Реал Мадрид.
„Кралскиот“ клуб за неговите услуги на Палмеираш му исплати 47.5 милиони евра, а оваа сума може да порасне и на 60 милиони евра со дополнителните бонуси. Иако има само 18 години, тој веќе одигра 66 натпреври за првата екипа на Палмеираш, на кои постигна 18 гола. Минатата година дебитираше и за репрезентацијата на Бразил и веќе собра 10 настапи, на кои успеа да погоди трипати.