Ентони Дејвис оди кај Леброн, Лејкерс станаа фаворити за титулата во 2020

Крилниот центар Ентони Дејвис си заминува од Њу Орлеанс пеликанс и преоѓа во Лос Анџелес лејкерс. Ова е веста која фановите на Лејкерс ја чекаа долго време. Со размената, Пеликанс ги добива Лонзо Бол, Брендон Инграм и Џош Харт, како и три пика од првата рунда на идните драфтови. Ова значи дека Њу Орлеанс ќе ги земе првиот и четвртиот пик на годинешниот драфт.

Лејкерс со 34-годишниот Леброн Џејмс како единствена голема ѕвезда во тимот, не стигна ниту до плејофот, а сега откако беше потврдена трампата со Дејвис, преку ноќ се сменија квотите во обложувалниците во Лас Вегас, и сега „езерџиите“ се први фаворити за титулата во 2020 година.

На Лејкерс му се дава коефициент 3.00, за Милвоки е 6.00, ЛА Клиперс 7.00, Хјустон 8.00, за актуелниот првак Торонто 10, а за Голден стејт и Филаделфија по 12.

Со доведувањето на Дејвис, не е завршена работата во преодниот рок за Лејкерс. Клубот сака да купи и еден екстра квалитетен бек. На листата на желби им се Кајри Ирвинг, Кемба Вокер, Џими Батлер, па дури и Каваи Ленард кој е слободен агент.

- Оглас -

Најнови вести