Хрватската полиција во средата вечерта приведе вкупно 51 лице поради инцидентите кои ги предизвикаа навивачите на Хајдук, популарната Торцида на стадионот „Пољуд“, но и низ улиците на Сплит по полуфиналниот дуел од Купот меѓу Хајдук и Динамо Загреб (0:1).
Навивачите на Хајдук, разочарани од поразот од најголемиот ривал, кој беше втор за четири дена на „Пољуд“ од Динамо и тоа со идентичен резултат, ја пробија заштитната ограда на стадионот и влетаа на теренот со цел да се пресметаат со фудбалерит и со фановите на Модрите, Бед блу бојси.
Полицијата успеа да спречи инциденти на теренот, а домашните фанови потоа правеа нереди низ улиците на Сплит, фрлајќи по полицијата шишиња, камера и факели. Во нередите биле запалени поголем број на контејнери поради што морало да интервенираат и пожарникарски единици.
„Во овие моменти, тројца полициски службеници побараа лекарска помош и се пренесени во болницата во Сплит. Оштетено е и едно службено возило“, соопшти сплитската полиција.
Според хрватските медиуми, Фудбалската федерација на Хрватска нема да има милост за Хајдук Сплит и се очекува да изрече драконска казна. Причина за тоа е што ова не е прв инцидент на „Пољуд“, а згора на тоа сега директно била загрозена безбедноста на фудбалерите. Според пропозициите, најверојатно барем пет натпревари Хајдук Сплит ќе ги игра пред празни трибини, а го очекува и голема финансиска казна.