Епска мајсторка во Сан Хозе, „ајкулите“ во продолжение подобри од Вегас

Во Сан Хозе се одигра можеби досега највозбудливиот натпревар во овосезонските разигрувања. Шаркс по продолжение во мајсторката го елиминираше вицешампионот Вегас голден најтс при конечни 5-4.

На епски начин Сан Хозе се пласираше во втората рунда. Иако не го започнаа мечот како што треба и се најдоа во три гола негатива на почетокот од третиот период, домаќините за помалку од пет минути реализираа четири гола и поведоа со 4-3, а Марчесаул на четириесетина секунди до крајот погоди во корист на Вегас и го однесе дуелот во дополнителен период.

За победничкиот погодок се чекаше 18 минути, а Гудро е човекот кој предизвика делириум на повеќе од 17.000 навивачи во „САП центарот“ во Сан Хозе.

„Ајкулите“ во следната рунда ќе се соочат со сензацијата од Западот, со тимот на Колорадо аваланш кој претходно го елиминираше најефикасниот тим од Западната конференција, Калгари флејмс.

Мајсторка се играше и во Бостон, а Бруинс со конечни 5-1, односно 4-3 во серијата против Торонто мејпл лифс ќе го продолжи походот во плејофот. Тука немаше многу дилеми, домаќините имаа водство од 2-1 пред стартот на последниот период, па со три гола во останатите 20 минути лесно ја решија средбата.

Бостон во следната рунда ќе се соочи со Колумбус блу џекетс.

- Оглас -

Најнови вести