Ериксен го откри пеколот низ кој поминува седум недели

Кога пристигна во Интер, Кристијан Ериксен беше дочекан како голема ѕвезда. Иако докажан во Тотенхем, Ериксен не се снајде најдобро на почетокот во новиот клуб. Беше резерва, а тренерот Антонио Конте се жалеше дека Ериксен не се залага доволно на тренинзите. Сепак, како одминуваше времето, Ериксен почна да се вклопува во системот на Нераѕурите, но токму тогаш се случи непланираниот голем проблем.

Откако дојде во Милано, Ериксен не успеа да најде куќа за живеење, па престојуваше во хотел. Така беше се додека не се појави пандемијата со Коронавирусот. Во Италија беа воведени вонредни мерки, а сите хотели мораа да бидат затворени. На тој начин, Ериксен заврши на улица.

Од клубот веднаш го префрлија фудбалерот во тренинг центарот. Бидејќи веќе не постоеше шанса да се најде куќа за живеење, данскиот репрезентативец беше приморан да остане да живее во тренинг кампот. Освен Ериксен, во кампот престојуваа само уште петмина тренери и еден готвач, сите кои решиле да се изолираат од своите семејства за време на пандемијата.

Ериксен не смееше да излегува на терен, а бил принуден да тренира на паркингот на тренинг кампот и тоа без топка. Кога сакал да отиде до продавница, Ериксен бил сопрен од полицијата, а бидејќи Данецот уште не го знае италијанскиот јазик не можел да објасни дека оди да си купи нешто од маркет, па бил вратен во кампот.

„Беше непријатно. Никако не можев да им објаснам дека сакам само да одам до продавница да си купам нешто за јадење“ открива Ериксен, кој трчал во еден ходник во подрумот на комплексот. „Работев по програма која ми ја дадоа од клубот, а секако и исхраната ми беше по режим. На паркингот постои подрум  во кој трчам, знам дека е долг 35 метри и така мерам колку сум истрчал“, додава фдбалерот на Интер, кој седум недели живее во чудни услови.

Кога го избркале од хотелот, постоело опција, Ериксен да оди во домовите на Ромелу Лукаку или Ешли Јанг. „Размислував на таа опција да одам кај Лукаку или Јанг, но и тие си имаат свои семејства и не е во ред јас таму да им пречам или два месеци да спијам на нивните каучи“, објаснува Ериксен кој се надева дека конечно ќе заврши оваа негова голгота.

- Оглас -

Најнови вести