Силекс и Шкендија од Тетово ќе играат во финалето на Купот на Македонија во фудбал. Финалето ќе се игра на 20-ти мај.
Кратовци во полуфиналето на минимален начин го победија второлигашот Охрид Лихнидос, со 1-0 денеска на реваншот, првиот меч заврши 1-1. Додев од пенал во 35-та минута беше човек на одлука, а десет минути порано Силекс шутна уште еден пенал кој Алиќ го утна, поточно беше прочитан од голманот Серафимов. Охриѓани за 90 минути само еднаш се заканија и тоа не беше доволно да се испише историја.
Досега никогаш не се случило второлигаш да игра финале на Купот. Годинава имаше два второлигаши меѓу полуфиналистите, но испаднаа. Шкендија Арачиново беше прилично немоќна против имењакот од Тетово. После 3-2 за тетовци на првиот меч, денеска во Куманово, актуелниот македонски првак славеше со 2-0, со голови во финишот на Спахиу и Ндзенге.
Силекс ќе оди по четвртиот, а Шкендија по третиот трофеј во Купот во својата историја. Кратовци последен пат го зедоа Купот во 2021, а Шкендија во 2018 година.

