Ерменија ќе има голем адут и ќе бие со силно оружје со македонски шарм против репрезентацијата на Македонија, задутре во Никозија, во клучниот меч за првото место во втората група од Сегментот Ц во Лигата на нациите.
Тигран Барсегјан се разигра и поранешниот офанзивец на Вардар ќе биде еден од адутите за победа што им носи прво место на Ерменците.
Популарниот Хулк од Ерменија, како што го нарекуваат дома, е прв асистент во Сегментот Ц од Лигата на нациите. Има четири прецизни додавања за гол до соиграчите и постигна еден погодок на досегашните пет меча.
Во отсуство на првата ѕвезда на Ерменците, Хенрих Мхитаријан, кој не доби дозвола од Рома да ѝ се приклучи на својата репрезентација, Барсегјан ќе биде главната закана за нашиот гол.
Играше за Вардар од 2016 до 2018 година и беше дел од златната генерација на најтрофејниот македонски клуб што направи историски подвиг и како прв клуб од Македонија во 2017 година играше во фаза по групи во Лигата на Европа.
Барсегјан е и најзаслужен што Ерменија стигна до меч за прво место во групата, против Македонија на неутрален терен. Имаше две асистенции за Газарјан и Адамјан, кои беа стрелци за Ерменија во победата од 2:1 против Грузија завчера во Батуми.
Со триумфот Ерменија ја исфрли Грузија од игра за првото место и си закажа директен дуел со Македонија за врвот, кој носи пласман во Б Сегментот Б од Лигата на нациите.
Македонија има предност од еден бод, ги победивме Ерменците во Скопје во овсој циклус од Лигата на нациите со 2:1, бевме пред нив и во премиерното издание што нè одведе и на ЕП, а и сега ни одговара и реми за нов успех и скок погоре во Сегментот Б од Лигата на нациите.