Естонија за 20 минути ни покажа колку сме далеку од Евробаскетот 2021

Катастрофалното прво полувреме беше главна причина за поразот на македонската кошаркарска репрезентација во дуелот со Естонија од 72-81, на стартот на квалификациите за Евробаскетот 2021. Александар Тодоров со пораз ја почна својата селекторска одисеја, а ако денот се познава по утрото, пласманот на ЕП ќе биде многу тешко остварлив.

Следен меч за Македонија е гостување кај Русија в недела попладне.

Три минути и 13 секунди им требаа на македонските репрезетативци да го дадат првиот кош и да ја разбудат публиката која иако во голем број, најчесто молчеше, па атмосферата беше како на театарска претстава или тениски меч.

Во осма минута, Естонците водеа ао 16-9, но македонскиот тим се врати во игра после тројката на Витингтон и поените на Војдан Стојановски.

И втората четвртина ја почнавме очајно, гостите во 14-та минута се одлепија на 13 поени разлика. Нападот не ни функционираше, за десет минути во втората четвртина Македонија даде само пет поени, и Естонците ослободени од притисок, на голем одмор отидоа со огромни 45-23. Македонскиот тим беше натскокан, надигран, мораше нешто драстично да се менува.

Нападот на нашите конечно проработе на стартот на второто полувреме, за четири минути негативата беше намалена на 39-50. Се разбуди и публиката, а во последната четвртина се влезе со достижни 46-60.

Македонија се мачеше да ја спушти разликата на помалку од десет поени, полека но сигурно и мечот одеше во финиш. Гостите никако не попуштаа во нападот, ја одржуваа разликата на комотна предност и заслужено славеа. Публиката почна да ја напушта салата на 1,38 минути до крајот.

Војдан Стојановски со 26 поени, и Шејн Витингтон и Ненад Димитријевиќ со по 15, беа најефикасни во тимот на Ацо Тодоров. Кристијан Куламае со 31 поен беше прв стрелец на средбата.

- Оглас -

Најнови вести