Еурофарм Пелистер е вториот финалист од ракометниот Куп на Македонија, што значи дека утре во Охрид ќе има вечно дерби за трофејот од најмасовното клупско натпреварување на македонската ракометна сцена, со оглед на тоа дека Вардар на пенали го елиминираше бранителот на трофејот, Алкалоид.
Битолчани во полуфиналето со 27-23 го совладаа домаќинот на завршниот турнир, Охрид, откако го скршија отпорот на противникот дури во второто полувреме.
Охрид имаше водство од 12-11 на полувреме, но домашните ракометари немаа сили да го издржат ритамот на македонскиот шампион, па ќе мора да почекаат за нивното прво финале во Купот на Македонија.
Вардар е најтрофеен во Купот на Македонија со 16 трофеи, додека Пелистер има пет, но последниот го освоија пред 20 години, односно во 2005 година и тоа со додавката Кометал.